Главните знаци на нарушена кожна бариера? Сувост, дехидратација, нерамна и груба текстура на кожата, чешање и црвенило па сè до чувствителност.
Што е заштитна бариера на кожата?
Кожата е составена од многу слоеви, а последниот, површинскиот слој е токму кожната бариера, која се состои од цврсти кожни клетки наречени корнеоцити кои пак се меѓусебно поврзани со липиди. Липидниот слој пак, се состои од слободни масни киселини, холестерол и церамиди, кои ја одржуваат кожата здрава.
Кожната бариера ја има функцијата да ја штити кожата од надворешната средина, бактерии, загадувачи или други стресни фактори на животната средина. Го спречува губењето на влажноста и делува како бариера за пропустливост. На тој начин помага во хидратацијата на кожата за да ја одржи мазна, здрава и мека.
Што доведува до нарушена кожна бариера?
Постојат повеќе причини што можат да доведат до нарушена кожна бариера. Некои од нив се:
- Неправилна нега на кожата. Прекумерното миење на лицето со груби чистачи или пак честа ексфолијација, може да ја наруши природната липидна бариера на кожата. Затоа внимателно со производите кои ги бирате, како и колку често ги користите. Сè додека си ја „слушате” кожата, лесно ќе избегнете поголеми иритации или оштетување.
- Загадување, лош или сув квалитет на воздухот – сето ова може да влијае на бариерата на кожата и да доведе до дехидратација. Воздухот не можеме да го избегнеме, но можеме да носиме маски кога надвор е многу загадено и да користиме прочистувач на воздухот во домот.
- Стрес и недостаток на сон. Бидејќи кожата се регенерира кога спиеме, недостатокот на сон може да доведе до трансепидермално губење на вода од кожата. Стресот пак си носи свои проблеми, како уморна кожа, нерамномерен тон, хиперпигментација, па дури и брчки. Затоа, повеќе одмарајте и заштитете ја кожната бариера!
- Околината и УВ зраците, исто така играат голема улога. Одговорни се за фото-стареењето и предвремените брчки. Поради тоа и кремот со СПФ треба да ви е најдобро другарче преку целата година.
- Kако што старееме, заштитната кожна бариера станува послаба и почнува да ја губи влажноста, а кожата станува посува и почувствителна.

Како да ја подобриме и заштитиме оштетената кожна бариера?
Клучот за здрава кожна бариера е едноставна рутина, со производи кои ќе ја хидрираат, зајакнат и обноват кожата. На сите ни се случува да користиме премногу производи во исто време, но исто така, сите забораваме дека рутина која се состои од чистење, тонирање и хидратација, може да направи чуда за кожата. Стиснете пауза и на пилинзите, ретинолот, киселините, па дури и на витаминот Ц, и следете ги овие чекори:
1. Користете нежен чистач за лице со ниска pH вредност, кој нема да дополнително да ја суши кожата и мијте го лицето со млака вода.
2. Одморете ја кожата од пилинзи, барем на некое време! Дадете ѝ време да се регенерира, а кога ќе почувствувате дека симптомите исчезнуваат, полека започнете да ги воведувате во рутината.
3. Одбирајте навлажнувачи кои ја поправаат бариерата или содржат состојки кои веќе се наоѓаат во кожата. Она што е важно, е да ја задржите водата во кожата што е можно подолго. Креми со состојки како церамиди, сквалан, пантенол, уреа, бета- глукан, centella asiatica, ниацинамид, хијалуронска киселина и глицерин, ќе ја одржуваат кожата здрава и хидрирана.
Ако сепак го чувствувате лицето суво и затегнато, завршете ја дневната рутина со хранливо масло, како масло од јојоба, кое дополнително ќе ја хидрира кожата. Обидете се да избегнувате производи исполнети со мирис, есенцијални масла и сулфати, кои може да ја иритираат кожата и повторно да ја нарушат заштитната бариера.
4. Не заборавајте на заштитниот фактор. Користете креми со висок SPF фактор кои ќе ја заштитат кожата од штетните УВ зраци и ќе ја намалат појавата на хиперпигментација, иритации и брчки.
Но, не сите состојки за нега на кожата функционираат исто за сите. Затоа, пробајте неколку различни производи за да одредите кој е најдобар за вашата кожа да остане здрава, заштитена и добро навлажнета.






@revoxb77usa


Како да ја заштитите кожната бариера?
Покрај тоа што ќе ја поправите кожната бариера, важно е да ја заштитите и зајакнете за да биде помалку подложна на идни оштетувања.
Пробајте да не претерувате со рутината и да внесувате куп производи одеднаш. Одвојте време за да ги разберете проблемите со вашата кожа и да ги решавате еден по еден, а не сите истовремено. Ако внесувате нови производи во рутината, правете го тоа постепено, воведувајте ги еден по еден. Така ќе можете да забележите ако некоја од состојките едноставно не ви одговара.
Во однос на киселините, полека враќајте ги во рутината, но само откако кожата повторно ќе биде здрава.
Но, некогаш и најдобрата рутина и најхидратантните состојки нема да можат да ги решат проблемите со кожата, особено ако се соочувате со цистични акни, розацеа или егзема. Во тој случај, најдоброто што можете да го направите за вашето лице е да посетите дерматолог.

Колку време е потребно за да се подобри вашата кожна бариера?
Колку брзо ќе ја поправите заштитната бариера зависи од типот на кожата и колку сериозно истата е оштетена. Според препораките на дерматолозите, со едноставна рутина, тоа може да биде од 3-4 недели. Но, ако подолг период се соочувате со нарушена кожна бариера, можеби ќе треба да ја промените рутината на подолго од два месеци за да ја вратите вашата кожа во нормала.
Кожната бариера е првата линија на одбрана против штетните влијанија на околината. Одржувањето на здравјето на кожата е многу повеќе од козметичка грижа.