Грижата на кожата околу очите е многу важна. Во овој дел од нашето лице кожата е тенка и нежна, и за жал знаците на стареење првпат се забележуваат таму. Дали навистина знаете како да се грижите за оваа регија?
Во овој текст ќе прочитате десет важни чекори за поефективна грижа на кожата околу очите.
#1 Колку порано, толку подобро!
Често се поставува прашањето кога е добро да се започне со нега на кожата околку очите. Вистината е дека не постои точен одговор на ова прашање. Колку порано почнете со нега, толку побавно ќе почнат да се покажуваат знаците на стареење.
#2 Нежно чистење
Бидете внимателни кога ја чистите шминката од очите. Користете нежни, но ефективни производи кои ќе ја отстранат дури и водоотпорната маскара. Користите производи на база на масло или мицеларна вода, бидејќи тие лесно ја отстрануваат и најиздржливата шминка.
Не треба агресивно да триете кога ги чистите очите. Нежната кожа може лесно да се иритира, што доведува до сувост и непријатност.
#3 Не заборавајте на хидратацијата
Без разлика каков хидратантен крем ќе изберете, важно е редовно да ја хидрирате тенката кожа во овој дел од лицето. Поради својата деликатност, кожата е склона на сушење, што може да доведе до побрзо појавување на фини линии.
Кога нанесувате соодветна крема дизајнирана специјално за оваа регија, таа обезбедува нега и ја одржува природната рамнотежа на кожата. Освен што ќе обезбедите хидратација, ќе ја спречите и појавата на темни кругови и подуеност во оваа област. Кремите за очи имаат сложено дејство и ќе ви помогнат и во тоа.
#4 Дополнителна грижа – хидрогел лепенки
Хидратантните лепенки за очи се сé повеќе популарни и стануваат редовен дел од рутината за нега на кожа! Еден вид мини маски наменети за да ја хидрираат кожата околу очите, да ги намалат брчките и фините линии, како и подочниците или темните кругови.

Богати со крем или серум, содржат концентрирана количина на активни состојки, витамини, антиоксиданси, навлажнувачки и многу, многу други корисни состојки. Ја регенерираат, хидрираат и тонизираат уморната и сува кожа.
#5 Време е за масажа!
Масажите на лицето се веќе докажан метод против знаците на стареење и замор. Иако е деликатна, и областа околу очите е подложна на масажа, која ќе помогне да се намали заморот и да се врати нејзината еластичност.
Користете ги врвовите на прстите или пак гуа ша масажер. Масажата ќе ја подобри циркулацијата, ќе ја намали подуеноста и потеченоста на кожата и ќе ги израмни фините линии.

#6 Сината светлина не е вашиот најдобар пријател!
Дали знаете што е сина светлина? Уредите што ги користиме секој ден – компјутер, таблет, дури и нашиот паметен телефон, испушта сина светлина што и штети на кожата.
Веројатно се прашувате како?
Кога останувате будни до доцна навечер пред компјутер или во кревет со телефонот, сината светлина се рефлектира директно во вашето лице. Ова за возврат дава погрешни сигнали на клетките на кожата и тие се чувствуваат како да е уште ден. Како што веќе спомнавме, кожата се обновува навечер, а сината светлина го нарушува нејзиниот животен циклус. Како резултат на тоа, таа не може да се регенерира и почнува да изгледа уморно.
Нашиот совет? Избегнувајте ги уредите барем еден час пред спиење. Социјалните мрежи пред спиење можете да ги замените со добра книга.
#7 Користете очила за сонце
Очилата за сонце се задолжителни! Освен што ќе ги заштитат вашите очи од штетните УВ зраци, тие ќе ја заштитат и тенката кожа околу очите.
Покрај тоа, тие ќе ви помогнат да не го брчкате носот кога сонцето грее силно.
#8 Доволно сон
Секому му требаат најмалку 8 часа сон за да биде здрав и одморен. Кога станува збор за грижата за пределот околу очите, многу е важно да спиете доволно.
Ако го следите „правилото за 8 часа сон“, ќе избегнете појава на темни кругови и подуеност под очите.
#9 Здрав начин на живот
Неправилната исхрана, недоволното пиење вода, како и штетните навики како што е пушењето, не влијаат добро, не само на целото тело, туку и на кожата. За да бидете здрави, пред сè, треба добро да се грижите за себе.
Нашиот совет? Во своето мени внесете повеќе овошје и зеленчук, сурови јаткасти плодови и пијте доволно вода. Ова ќе му ги обезбеди на телото потребните витамини и хранливи состојки, и ќе направи да изгледате одлично!
#10 Редовна нега
Без оглед на негата што ја користите, без разлика дали е посебна за областа околу очите или целото лице, таа треба да биде редовна. Само на овој начин ќе имате видливи резултати и ќе уживате во убава и здрава кожа.